Selfcare

6 работи кои треба да ги направите во вашите дваесетти

Замислете дека вашите дваесетти се планина а вие сте топче кое се качува по таа планина и стигнува до нејзиниот врв. Ако планината е висока десет сантиметри тогаш кога ќе го пуштите топчето да паѓа од врвот на планината тоа ќе се спушти до дното и ќе продолжи да се тркала уште малку а потоа ќе запре. Сега замислете дека планината е висока триесет сантиметри. Кога ќе го пуштите топчето да паѓа тоа ќе дојде до дното а потоа ќе продолжи да се тркала уште а потоа ќе запре. Во вториов случај ќе се тркала подолго отколку во првиот бидејќи планината е повисока за дваесет сантиметри. Колку е повисока планината толку подалеку ќе отиде топчето кога ќе го пуштите да паѓа од врвот. Ова е физика но ме разбирате што сакам да кажам нели? Колку поголема планина ќе изградите во вашите дваесети со толку поголем залет ќе продолжите да се движите понатаму. Начинот на кој ќе ги поминете дваесетите длабоко влијае на тоа како ќе изгледа вашиот живот понатаму. Па што е она што е најпаметно да се направи во овој период од животот? Еве ја мојата листа со сугестии.

  1. Создадете здрави навики. Почнете да вежбате редовно и да се храните правилно и здраво (без прескокнување оброци и со повеќе овошје и зеленчук) Не потценувајте го правилото од добар осумчасовен сон. Пробајте да не создавате лоши навики како премногу пушење цигари и пиење алкохол. Грижете се за вашето здравје бидејќи тоа е ваш двигател. А подоцна, во триесетите и четириесетите ќе си бидете благодарни што обрнале внимание на вашето здравје на време.
  2. Научете да се сакате себе и да се прифатите какви што сте. Не можеме да ги контролираме картите што ни ги дава животот но можме да пробаме со нив да ја изиграме најдобрата игра што можеме. Несигурните незрели години се веќе одамна зад вас и ова е период во кој треба да се проучите себе си и прифатите со сите мани и доблести што ги имате а потоа да издоминирате со нив. Не постои никој друг во светот какви што сте вие. Никој со вашите приказни, искуства, изглед и токму вашата уникатност е вашата моќ. Пред да очекуваме некој друг да не сака првин треба ние да се засакаме себе си – токму онакви какви што сме.
  3. Читајте книги. Всушност вистинското образование почнува во моментот кога ќе излезете од училиште. Образованието и едукацијата никогаш не завршуваат. Никогаш не е доцна да се зачлените во библиотека, да почнете да читате книги од областа која ве интересира или едноставно да имате книга при рака кога ќе најдете петнаесет слободни минути во денот. Подобрување на меморијата, експанзија на вокабуларот, зголемена концентрација се само дел од неколкуте бенифиции на читањето. Не заборавајте leaders are readers.

  1. Поминувајте време со своето семејство. Отсекогаш сум ја сакала оваа поговорка од Џорџ А. Море – човек патува по светот во потрага по она што му треба и на крајот се враќа дома за да го најде. Семејството е подарок за кој не секогаш сме свесни. Трудете се да ручате барем еднаш во денот заедно, оставете ги телефоните на страна, играјте друштвени игри, гответе заедно, гледајте филмови заедно. Само така ќе созадете силни врски, квалитетни односи, ќе бидете поблиски и посреќни.

  1. Научете да штедите. Да парите се за да се трошат и сега сте млади и ако сега не трошите кога и онака имате цел живот пред вас да печалите пари. Да ова ми е доста познато, го слушам често. Вистина е но и уште нешто е вистина. А тоа е дека како си ги менаџирате парите во овие години ќе влијае на вашиот живот во следните декади. На пример ако немате барем малку пари кои ги тргате на страна ќе дојде ден кога ќе сакате да инвестирате во нешто или да купите некоја недвижнина а ќе немате. Контролирајте го вашето трошење, поставете си финанскиски цели, имајте мал фонд на страна и олеснете си ја иднината.
  2. Преземајте повеќе ризици. Денес ризик е да не се превземе ризик. Пробувајте нови работи, излезете од својата комфор зона, опкружете се со луѓе какви што сакате да бидете, прашувајте ако не знаете, истражете се себе си и она што длабоко вашата душа го сака, пробајте да го најдете својот “повик”. Никој нема да ви замери за тоа бидејќи тоа е најдобрата работа што можете да ја направите за себе. Дваесеттите се години токму за тоа. Дваесеттите се ваши години.

Пред некое време прочитав една реченица; ништо нема да ги уништи твоите дваесетти како мислењето дека веќе си требал да го средиш својот живот. И навистина е така. Дваесетитте се период на истражување – себе и светот. Период во кој треба да создадете добра подлога на вашиот живот но сепак не треба да бидете строги со себе. Никој не го средил својот живот во дваесетитте, дури и оние кои на инстаграм изгледаат како да го направиле тоа. Илузија е. Ваше е само да бидете подобри луѓе од што се биле вчера и да се трудите да бидете најдобра верзија од себе а успехот, порано или подоцна, неминовно ќе дојде.