Живееме во најдобриот период во историјата на човештвото. Сo два клика можеме си порачаме јадење кое ќе ни го донесат до пред врата, со неколку кликови имаме пристап до информации за било која област, телефоните се буквално библиотеки во џеб, а и можеме да комуницираме со некој на другата страна од глобусот со брзина каква би ни завиделе жените кои си праќале мажите на печалба во минатиот век. Сето ова ни овозможува да заштедиме време. Време кое ние луѓето одново го трошиме на работа. Работа и само работа. Најчесто за друг, многу ретко за себе и на себе. Иако живееме во најдоброто време во историјата сепак луѓето се депресивни, анксиозни и под стрес. Дезориентирани сме, си поставуваме цели но не сме истрајнив и сме во постојано брзање. Знаеме дека можеме многу повеќе но сепак заробени сме во еден вител на монотонија кој постојано ни ги дава истите, за жал незадоволувачки, резултати. Антонија Локвенец e инфлуенсер кој на социјалните медиуми споделува креативни содржини, идеи и совети од областа на работењето на себе и креирањето живот каков што сите знаеме дека можеме и заслужуваме да го имаме. Одговарајќи на нашите прашања таа ни одговара на тоа како таа се справува со предизвиците на новиот век, ни кажува како се справува со лошите денови, за нејзината утринска рутина, за организација на времето, зошто е важно да се вежба и за сите оние работи кои се важни за еден добро проживеан ден, кој води до еден добро проживеан месец, до една добро проживеана година и најпосле, до еден добро проживеан живот.
- Како изгледа еден твој типичен ден? (Кога стануваш, имаш ли утринска рутина и во што се состои таа, како изгледа остатокот од твојот ден)
Мојот типичен ден почнува околу 6 часот наутро и е проследен од утринска рутина која секогаш успева да ме исполни со енергија и да ме подготви за продуктивен ден. Истата се состои од следниве активности: тренинг (може да е во домашни услови, трчање или планинарење), медитација, туширање со ладна вода, водење дневник и кафе. После мојата утринска рутина се подготвувам за работниот ден, следејќи ги активностите кои сум ги испланирала за истиот. Некогаш се технички работи кои се случуваат позади сцена, а некогаш е креирање на содржини за моите социјални медиуми.
- Како успеваш да станеш рано и да го замолчиш она гласче во себе што вика “ајде уште пет минути”?
Кога ќе споделам во колку часот станувам, луѓето се фасцинирани а и малце збунети. Во мои очи е прилично едноставно, за да станам порано си легнувам порано. Нема некоја наука позади целиот процес освен фактот дека кога ќе го започнам денот порано јас лично се чуствувам подобро. На тежок начин научив дека биоритамот е многу значаен и дека треба да се грижиме да ги добиеме тие 7-8 часа сон секоја вечер. Па доколку поради некоја причина сум останала покасно од мојота рутина, следното утро го започнувам после добар сон, макар и да не е околу 6 часот наутро. Сакам да напоменам дека не верувам дека станувањето со сонцето е тајната на продуктивноста или успехот, знам дека секој има различен начин на функционирање, а ова е мојот.

- Бидејќи знаеме дека е мит дека човек може да биде среќен 24/7 и знаеме дека лоши денови постојат не интересира како Антонија се справува со лошите денови?
Дозволувам сите “лоши” и “негативни” емоции да поминат низ мене ама не им дозволувам да ме обземат. Човечки е да имаме и добри и лоши денови затоа и не бегам ни од едните ни од другите. Кога се чуствувам убаво си дозволувам 100% да го уживам тој момент, а кога ќе пристигнат лошите моменти се потсетувам да бидам благодарна за сите убавини околу мене, како и луѓето кои ми се блиски. Можам да напоменам дека имам и некои трикови кои ги употребувам за да се орасположам и сметам дека секому добро би му дошле. Тука спаѓаат слушање на омилената музика, приготвување на омиленото јадење или пак посетување на омилениот ресторан, одење во природа, дружење со блиски личности итн.
- Бидејќи си во своите рани дваесетти би прашале што е она што мислиш дека луѓето во своите дваесетти треба да го прават за да постават добри темели на својата иднина?
Сметам дека треба да поставиме некои цели за каде се гледаме себе си во иднина и да креираме некој груб план на активности кои ќе ги преземеме за да стигнеме таму. Но исто така сметам дека треба да сме свесни колку е непредвидлив животот и да си дозволиме да уживаме во истиот. Моментално живееме во култура на поставување високи цели и неуморно работење кон истите дури и на сметка на нашето ментално и физичко здравје. Јас лично верувам во баланс и се трудам да го најдам истиот помеѓу работата и уживањето во убавините кои ни ги нуди животот.
- Како го организираш своето време?
Своето време го организирам преку time blocking, односно блокирање на времето. Сметам дека е поефикасно од класичните to-do листи, бидејќи во своето планирање дефинираш во кое време на што ќе работиш. За организирањето да е поефективно го користам мојот последен продукт Goal Digger дневниот планер кој можете да го најдете на @la.the.label.

- Колку вежбањето и здравата исхрана се важни како за здравјето така и за енергијата и расположението?
Колку повеќе се грижиме за нешто толку подолго ќе трае и ќе ни служи. Така е и со грижата за самите себе. Конзумирањето на здрава и квалитетна храна, како и секојдневното движење на телото се два начина на кои можеме да се чуствуваме и да изгледаме подобро. Јас лично секој ден го почнувам со некој тренинг или активност бидејќи ме исполнува со адреналин и поставува висок стандард за како би се одвивал остатокот од денот.
- На инстаграм гледаме дека читаш доста книги за self-help, би ни препорачала ли некои кои најмногу влијаеле позитивно врз тебе?
Читањето во последните 2 години ми стана омилена активност. Има бескрајно интересни книги кои би ги препорачала, но како топ 3 би биле: ‘Atomic Habits’, ’12 Rules for life’ и ‘Shoedog’.

- Што е она што те инспирира?
Има еден интересен текст што звучи вака ‘Inspired by the fear of being avеrage’ ама баш секогаш успева да ме насмее. Но навистина, свесна сум дека сме способни да постигнеме многу повеќе од што мислиме и дека тоа се’ би се реализирало доколку почнеме да веруваме сами во себе. Често сме најкритични кон сами себе и тој критисизам не заробува во еден затвор кои ние го креираме. Моја лична цел е секој ден да се потурнам да излезам од својата комфорт зона и да направам нешто што ќе ме предизвика на некој начин. Ова може да е во светот на работата, спортска активност, пријателства и слично. Кога ќе се заљубиме во процесот на промена и лично подобрување, верувам дека почнуваме да одиме по патот до нашата најдобра верзија. Па затоа би рекла дека мојата инспирација е таа некоја верзија од себе си која би постоела доколку верувам во својот потенцијал и можности.
- Каде се гледаш себе за 10 години од денес?
Искрено одамна не сум размислила на оваа тема. Помислата на своја фамилија секогаш изнудува насмевка кај мене и е нешто што за мене е многу значајно. Како и да бидам среќна и задоволна со себе си, што и да значи тоа за мене 10 години од сега. Исто така се надевам дека што и да креирам во тој момент ќе ме исполнува и дека луѓето со кои ќе бидам опкружена ќе ме инспирираат.
- Ако од ова интервју младите девојки и жени би требале да понесат со себе еден совет кој би било тоа?
Немојте да се лимитирате себе си, не дозволувајте околината да ви влијае и да ве дефинира кои сте. Следете го срцето и слушајте ја вашата интуиција. Доколку нешто ве прави среќни и исполнети не мора да им прави логика на другите. Ако вие знаете кои сте, навистина не е значајно што мислат луѓето околу вас. Имаме еден живот и сметам дека треба да го живееме баш како што ние сакаме, инаку се’ е залудно.
