Стоп за насилство врз жените

Во светски рамки една од три жени искусиле насилство во животот. Тоа се 800 милиони жени во светот. Во една минута се злоставуваат 127 жени а додека ја читате статијава над триста мажи во светот ќе кренат рака на некоја жена. Тоа се нечии мајки, сестри, ќерки, пријателки. Тоа се луѓе како мене и тебе.

Приказната за еден маж кој доаѓа дома пијан и ја тепа својата жена започнува многу порано од колку што мислите. Многу порано пред тие двајцата да се запознаат. Започнува кога мажот е се уште момче на дванаесет години и ја гледа мајка си како ги мие садовите, прави ручек, ја чисти куќата, ги простира алиштата додека татко му седи на софата и гледа фудбал на телевизорот. Започнува кога тоа исто момче ќе дојде дома расплакано бидејќи соседот му ја избушил топката и татко му ќе му каже “биди маж, не плачи, само жените плачат.” Започнува денот кога едно момче ќе поверува, или да бидеме попрецизни ќе го научат, дека мажот е надреден и дека жените се помалку вредни. Мажот не се буди еден ден и решава да ја тепа жена си или да се однесува насилно спрема жените туку е научен уште од мали нозе дека има право на тоа и дека мажите се над жените. Приказната за насилството врз жените започнува со погрешна едукација на децата. Учејќи ги нашите деца индиректно влијаеме на создавањето на светот без разлика дали тоа го првиме свесно или несвесно. Затоа, едуцирајте ги своите деца правилно. Научете ги дека мажот и жената се еднакви битија кои уживаат исти права.


Сексуално вознемирување, семејно насилство, демнење, силување, присилна проституција се најчестите видови на насилство врз жената. Само 40% од злоставуваните жени собираат храброст да побараат помош. Останатите 60% проценти не го прават тоа поради срам, некои бидејќи не сакаат да поминуваат повторно низ траумата, некои од страв, некои поради тоа што не веруваат дека тоа ќе смени нешто а некои бидејќи со трпење на насилство цел живот на крајот поверувале дека тоа така мора да биде. Злоставуваната жена која го чита ова сакам да знае дека не е сама. Милиони жени ширум светот се соочуваат со истово и не е срам да се побара помош. Имаш право на тоа, имаш право на слободен и мирен живот. Денес постојат многу организации за заштита на жената од насилство кои пружаат помош на жените на кои им треба. Направи го првиот чекор и крени ја слушалката и јави се на националната СОС линија на 02 15 700. Не си сама.

Ова е порака и до оние луѓе кои постојано слушаат викотници и удари од станот над нив, кои забележуваат дека колешката на работа постојано доаѓа со модрици на лицето и телото, кои на некој начин се сомневаат дека зад нечии затворени врати се случува насилство врз некоја жена. Не ја вртете главата на страна, не помислувајте дека не е ваша работа да се мешате, не останувајте слепи и глуви пред ваквите работи. Кога веќе таа жена не може пријавете го насилството вие. Имате должност да го направите тоа. Не бидете соучесници.

Само ако ги едуцираме нашите деца правилно, ако не ги вртиме главите на другата страна пред насилство и ако ја подигнеме свеста дека насилството врз жената постои и има начини да го спречиме истото само така ќе создадеме свет во кој жената која носи краток фустан не значи дека самата си го бара, свет во кој на жената не и е страв да си оди сама накај дома и свет во кој жените живеат мирен живот без страв од насилство.

 

Не си сама – Национален месец за подигнување на свеста за ракот на дојка

На секои 120 секунди во светот една жена е дијагностицирана со рак на дојка. Според статистиките, една од осум жени во својот живот ќе заболи од рак на дојка. Тоа може да и се случи на некоја ваша пријателка, на ваша сестра, мајка, сосетка. Најлошите зборови кои може некој да ги слушне во животот се “Имаш рак”. Борбата со оваа болест е напорна и тешка но големи се шансите за позитивен исход доколку рано се детектира и третира. Рак на дојка е најраспространет вид на рак меѓу жените и зема се поголем замав. Жени од секој крај на светот се соочуваат со оваа болест. Се чини дека свеста за оваа болест не е доволно распространета бидејќи бројот на жртвите кои оваа болест ги зема со себе има 5 цифри. И од година во година бројката видно се зголемува. Ние од ЕРОС како продавница за долна облека се залагаме жените да изгледаат убаво, да се облекуваат убаво и да се чувствуваат убаво во сопствената кожа. Но покрај ова сакаме и да ги подржиме сите жени во светот кои се соочуваат и борат со оваа оваа болест. Поради таа причина ЕРОС ја отвара оваа кампања со која ќе се покаже подршка за сите жени засегнати од рак на дојка.

Тимот на ЕРОС собра повеќе податоци од кои можете да се информирате оваа тема. За нив прочитајте во продолжение.

Како се дефинира ракот на дојка?

Ракот на дојката претставува абнормален раст и неконтролирана делба на клетките во дојките. Овие малигни клетки на ракот формираат маси (тумори), кои ги напаѓаат и уништуваат околните здрави ткива. Рак на дојка е втор најчест тип на рак кај жените после рак на кожа. Рак на дојка може да се појави и кај мажите иако тоа се случува поретко.

Фактори кои го зголемуваат ризикот од добивање на болеста се: стареење, семејна историја на рак на дојка, недоволна физичка активност, прекумерна тежина, лоша исхрана, прекумерно пиење на алкохол и сл.

Како може да направите самопреглед дома?

Самопрегледот можете да го изведете во следниве неколку чекори:

Најпрвин, чувствувајте ги вашите гради и барајте нови чудни промени. Набљудувајте го нивниот облик, градба, боја. Потоа застанете пред огледало и користејќи го показалцеот, средниот прст и домалиот прст направете притисок во кружни движења. Почнете од линијата под пазувите, потоа преминете на градите и завршете кај клучната коска во едно кружно движење. Ова пробајте го во најразлични пози (легнати, наведнати, подгрбавени, со едната рака крената.) Што е она што го барате или кои се симптомите? Болна или безболна грутка во градите, промена на големина и форма на брадавиците, промена на кожата на градите, секреција на брадавицата или течност која излегува од брадавицата.
Самопрегледот правете го барем еднаш месечно.

Останати активности кои можете да ги преземете се:

-да одите редовно на лекар и да правите редовно мaмографија;
-ако забележите некои промени не чекајте туку веднаш известете го лекарот;
-истражувајте и запознајте се убаво со своето тело;
-охрабрете ги членовите од семејството и вашите пријателки да го направат истото;
-раширете ја пораката.

Направете самопреглед или мамографија уште денес. 85% од случаевите на рак на дојка се кај жени кои немале никаква семејна историја на рак на дојка, жени кои никогаш не ни помислиле дека такво нешто може баш на нив да им се случи. Раното откривање може да ви го спаси животот. Знајте дека не сте сами. На интренет можете да најдете и да прочитате приказни за жени кои го поминале овој пат и го преживеале. Вие го можете ова!
Самопрегледувајте се, чувствувајте си ги градите, одете редновно на лекарски преглед, ширете ја веста на повеќе жени и девојки и бидете подршка на оние на кои најмногу им треба. Само така ќе ја промениме лошата статистика и само така ќе извојуваме победа во уште една битка со животот.

По повод месецот на рак на дојка 5% од средствата овој месец ЕРОС ќе ги донира во БОРКА. БОРКА е македонско здружение за борба против ракот.

075228899 е бројот на кој можете да се јавите и да пружите подршка и помош на болните од рак.

 

Вашата ЕРОС фамилија

 

Како да им помогнете на вашите блиски кои се соочуват со нарушено ментално здравје

Пријателите, колегите и семејството се неминовно составен дел од животот на секој поединец. Со нив ја споделуваме среќата но со нив ја споделуваме и тагата. Во некои денови тие ќе бидат наша подршка. Во други денови пак ние ќе треба да бидеме тука за нив. Не е воопшто лесно да гледаш како некој кој ти значи поминува низ тежок период и се соочува со здравствени проблеми. Наша должност е да бидеме покрај таа блиска личност и да и помогнеме. Но не секогаш тоа е лесно и едноставно бидејќи ние не поминуваме низ истото и не ги гледаме работите со исти очи. Ако познавате некој близок пријател, колега, член од семејството кој поминува низ тежок период, кој се соочува со стресни моменти или едноставно имате такво претчувство бидејќи некои личности не сакаат да зборуваат за своите проблеми, во тој случај има повеќе работи кои можете да ги направите за да им помогнете. Еве некои од нив.

Кажете и на личноста дека сте тука и дека може да смета на вашата помош. Давајќи и до знаење на личноста дека сте тука таа може да се опушти и да ги сподели со вас проблемите и мислите кои ја измачуваат.

Однесувајте се како и вообичаено. Ако почнете да се однесувате на поинаков начин личноста може да се изолира и да се оддалечи. Правете работи што вообичано ги правите. Излезете на кафе, на вечера, одете на прошетка, гледајте филм, пишувајте си пораки. На овој начин ќе и го олесните на личноста нејзиното “враќање во нормала.”

Понудете се да ја ислушате личноста. Слушањето е една многу драгоцена особина која не сите ја имаат. На многу луѓе всушност тоа и им недостига. Да бидат ислушани и разбрани. Понудете се да ја ислушате личноста и не ја прекинувајте додека зборува. Оставете ја да се искаже. На тој начин ќе ја дознаете целата верзија на приказната и ќе знаете како подобро да и помогнете.

Не ја форсирајте личноста. Ако ја напнувате личнста со вас да ги сподели тешкотиите тоа може да има само спротивен ефект. Таа може да се оддалечи и да се затвори уште повеќе.

Бидете трпеливи. На некои луѓе им треба повеќе време и простор. Бидете тука за личноста и оставете ја таа самата да се отвори и да дојде кај вас.

Многу често потребно е професионална и стручна помош. Дадете и на личноста до знаење дека ја има целосно вашата подршка при таквиот чекор.

Не заборавајте на крајот од денот да обрнете внимание и на себе. Кога луѓето доаѓаат во допир со негативна енергија тоа знае да влијае многу на нивното расположение бидејќи сепак после се, иако енергијата е невидлива таа се пренесува и трансмитира. На крајот од денот одвоете неколку мигови за себе, релаксирајте се, заминете на прошетка и правете работи кои ве исполнуваат.

Што е ендометриоза и се што требате да знаете за неа

Што е ендометриоза? Тоа е неизлечива болест кај која се случува ендометриумот, кој е пак внатрешниот слој на матката, да почне да се шири надвор од неа. Ендометриозата се шири на површината на другите важни органи како што се јајниците и просторот околу нив, јајцеводите, лигаментите кои ја држат матката, просторот зад матката и сл. Ендометриоза е здравствен проблем со кој се соочуваат дел од жените. Една статистика тврди дека секоја десета жена има ендометриоза. Таа ги напаѓа жените помеѓу 15 и 44 години, најчесто во нивниот репродуктивен период. Ендометриозата како посебна состојба била прогласена во 1920тите години. Според една статистика направена во 2015 година бројот на жени заболени од ендометриоза е проценет на околу 10,8 милиони жени. Бројот на смртни случаи е мал.

Симптомите пак, варираат од жена до жена, бидејќи ние сепак сите сме различни, но како најкарактеристични симптоми можеме да ги издвоиме болки со најразличен интензитет во пределот на карлицата, долниот дел од рбетот, долниот дел од стомакот. Потоа болка при сексуални односи, болна и обилна менструација, болно мокрење додека трае менструацијата неплодност и др. Доколку препознавате некои од овие симптоми најдобро ќе биде да појдете на преглед кај вашиот лекар. Ендометриозата не ја исклучува можноста за зачнување но може да го отежни процесот. Раното откривање на ендометриоза го зголемува успехот за постигување бременост.

Зошто некои жени заболуваат од ендометриоза а други не, т.е. што е она што ја предизвикува болеста? Тоа се уште не може медицински да се утврди но сепак постојат заеднички фактори кои ги покажува статистиката. Такви се на пример семејна историја односно генетски фактор, потоа факторот бременост односно жените кои не биле бремени до сега имаат поголеми шанси од заболување. Потоа како причини може да се јават прекумерно конзумирање на алкохол и кофеин.

 

Што се однесува до третманот ендометриозата се третира со операција и со лекови кои ги намалуваат болките. Лекарот може да ви препорача да земате лекови против болки без рецепт како што се нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), ибупрофен (Адвил, Мотрин ИБ, други) или напроксен натриум (Алеве) за да ви помогне во олеснување на болните менструални грчеви.
Секако здравите навики и здравиот начин на живот можат да ги олеснат симптомите и да го превенираат развојот на болеста. Вежбањето и физичката активност значително можат да ги намалат болките и симптомите. Со самото вежбање го одржувате масното ткиво на соодветно ниво. Исто така со намалување на кофеинот и алкохолот се намалува ризикот од ендометриоза. Освен тоа и здравата исхрана е исклучително важна и се препорачува конзумирање на ферментирани продукти.

Ако имате некои од горенаведените симптоми или ако едноставно чувствувате дека нешто не е во ред консултирајте се со лекар и спречете го развојот на болеста на време. Не сте сами бидејќи жени од најразлични земји и најразлична возраст се соочуваат со истиот проблем. Ќе биде се во ред.

Connect more with nature than with your WiFi

Можете да слушнете илјадници приказни за тоа како луѓе заминале во природа за да се пронајдат себе си, да најдат подлабоко значење на работите а потоа таму ги нашле одговорите кои ги барале. Дали природата ги има одговорите на вашите прашања не знам со сигурнот да ви кажам но сите истражувања на оваа тема во себе ја носат пораката дека всушност природата има магични моќи.
“Природата е гориво за душата” – вели Ричард Рајан, пистел и професор по психологија на Универзитетот во Рочестер. – “Многу често кога се чувствуваме потрошени посегнуваме по чаша кафе, но истражувањата покажуваат дека подобар начин за добивање енергија е конекцијата со природата” вели тој.
Се чини дека конекцијата со природа, освен што е насловот на статијата, е и решението на анксиозноста, истоштенсота, нискиот дух и расположение. Под конекција со природа не мислам секој викенд да одите да се искачувате по планини. Под конекција со природа мислам на прошетки надвор, да го гледате зајдисонцето, да засадите цвеќе па дури и пикник во дворот е еднаков на конекција со природата.
Зошто е важно да се поврземе со природата? Бидејќи природата има огромни бенефиции по нашето здравје. Една студија покажала дека луѓето кои поминуваат два часа неделно во природа имаат подобро физичко и психичко здравје од оние кои не го прават тоа.
Времето поминато во природа го намалува крвниот притисок, ја намалува анксиозноста, го намалува нивото на стресните хормони, го подобрува менталното здравје и го зголемува расположението. Природата ви помага да остварите подобри конекции, да се релаксирате и да бидете повеќе активни.

Во времиња на технологија се чини дека врската со природата е сведена на многу ниско ниво. Луѓето повеќе се конектираат со интернетот отколку со природата. Многу е полесно да заглавиме во безсмислено листање на Инстаграм отколку да отидеме на кратка прошетка пред спиење. Ако чувствувате дека вашата врска со природата е олабавена и дека ви треба малку од нејзината магија еве ви предлог на едноставни чекори со кои можете да ја обновите вашата врска и да се чувствувате повеќе енергични и полни со полет и задоволство.

Засадете цвеќе – може тоа да биде убаво цвеќе, некој зеленчук или овошје, најобично растение кое ќе го чувате покрај прозорецот.

Состанувајте се со вашите пријатели надвор наместо внатре

Ако сте некој што редовно вежба тогаш наместо да вежбате внатре правете го тоа во дворот или на балконот

Уживајте во зајдисонцето – одделете еден краток момент од денот за вас во кој ќе уживате во тишина и во убава глетка.

Организирајте пикнизи и излети во природа

Одете на прошетки почесто – создате си навика да пешачите. Не мора тоа да е секој ден но два до три пати во неделата е доволно за да почвствувате разлика.

Телефонот користете го само ако треба да сликате

Интересирајте се повеќе за природата – истражувајте за видовите цвеќиња, локални места каде зелената боја доминира, интересирајте се и поставувајте прашања за птиците, за растенијата, за тоа како се е поврзано

Зошто треба да почнете да практикувате јога?

Јогата е вежба за телото и умот. Таа е именка составена од два дела јо-га која би се превела како соединување или спрегнување. Јогата е стара технка која ги влече своите корени од Индија. Таа во себе вклучува повеќе техники – медитација, дишење и движење. Вежбите и движењата кои се прават во јогата служат за да ослободат енергија и да стимулираат неизбалансирани чакри. Зборот чакра во превод значи тркало кое се врти. Чакрите се централни точки на енерија, мисли и чувства. Преку чакрите луѓето ја искусуваат реалноста а кога енергијата ќе се блокира во некоја чакра тоа во реалноста се манифестира како стрес, напнатост или слаба дигестија. Па со помош на јогата, чакрите се доведуваат во баланс и овие негативни чувства се губат. Филозофијата на јога всушност е спојувањето на умот, духот и телото. Постојат шест вида на јога и секоја си има своја специфична област на која е фокусирана.


Изворите кажуваат дека Јогата за прв пат се појавила во Риг Ведите т.е. колекција на стари антички текстови пред 5000 години. Денес јогата е модернизирана како и се останато и е техника која се повеќе и повеќе станува популарна и се практикува. Статискитата тврди дека еден од седум луѓе во Америка во последните 12 месеци вежбал јога. Освен погоренаведените бенефиции јогата има уште многу предности и еве некои од нив.

  1. Јогата опушта, релаксира и помага за побрзо и полесно заспивање. Особено ако имате некоја јога рутина пред спиење таа ќе го опушти вашето тело и ќе го спреми за квалитетен сон.
  2. Јогата помага за ослободување болка во грбот. Многу често како прв третман на пациенти кои се жалат на болки во грбот им се препорачува јогата. Јогата содржи вежби за истегнување кои опуштаат и ја редуцираат болката во грбот.
  3. Јогата ја зголемува енергијата и позитивноста. Статистиката покажува дека оние луѓе кои во својата рутина имаат вклучено јога се многу попозитивни, ведри, расположени и среќни за разлика од оние кои не практикуваат јога.
  4. Јогата помага при срцеви заболувања. Со практикување јога вежби и правилно дишење се намалува нивото на стрес што пак придонесува за поздраво срце. Високиот крвен притисок и прекумерната тежина исто така можат да се намалат со вежбање јога.
  5. Правејќи ги јога вежбите тие ќе ви помогнат да ја зголемите својата мускулна сила.
  6. Вашите бели дробови ќе ви бидат благодарни. Дишејќи длабоко и правилно и внесувајќи ја доволната количина на кислород јогата ќе ја подобри функцијата и ќе го зголеми капацитетот на вашите бели дробови.

Фобии и како да се соочите со нив

Стравот е онолку стар колку што е и планетата земја. Се смета за најстара човекова емоција. Тој исто така е доживотен феномен и можат да го чувствуваат и лица кои се сосем зрели. Стравот не секогаш е лош. Тој до сега дури многупати ни го има спасено животот. Стравот е оној глас кој ни вели да не одиме сами по таа неосветлена уличка или да не се качуваме во колата на некој непознат. Но постојат стравови кои не преокупираат и управуваат со нашиот живот на нелогичен начин. Еден од нив е фобијата која се дефинира како страв од специфичен субјект или ситуација за која не постои рационална основа. Такви се фобија од змии, од висина, од игли, од затворен простор и слично. Во моментот кога човек се соочува со фобијата тој е преплашен и не е во состојба да размислува рационално па целосно губи контрола. Студиите покажуваат дека 1/10 од  луѓето страдаат од некаква фобија. А пак жените се четири пат повеќе изложени на ризик од фобија за разлика од мажите. Тие потешко се адаптираат на страшните ситуации и реагираат бурно затоа и развиваат фобии.

Ако ги рангираме фобиите тоа би изгледало вака:
Најгоре на листата се наоѓа стравот од височина, дури 7,5% од луѓето се плашат од висини. На второ место е стравот од пајаци со 3,5% од луѓето. Страв од летање е на трето место со 2,6% а на четврто место е стравот од молња и грмотевици со 2,1%.

Доколку имате некоја фобија и сте свесни за тоа решението не е во негирањето туку во тоа да го погледнете стравот во очи. После тоа можеби и ќе сфатите дека тоа и не е толку страшно како што го замислувате. Во моментите кога вашите сетила ќе ја иднетификуваат фобијата и ќе пратат сигнал до вашиот мозок вас почнува да ве фаќа паника, страв, да губите контрола и да размислувате нелогично. Во такви моменти еве што е најпаметно да се направи;
1) Дишете длабоко – длабокото дишење го опушта телото кое е напнато поради страв. Земете здив три секунди и пополека издишувајте четири секунди. Повторувајте го ова додека не се опуштите.
2) Фокусирајте се на нешто друго – стравот нема да се намали ако упорно мислите ви се насочени на вашата фобија и катастрофите што наводно ќе се случат. Најдете нешто друго на кое ќе го фокусирате своето внимание, слушајте музика, почнете муабет или зафатете се со некоја работа.
3) Опуштете се – во вакви моменти мускулите ви се стегнати па можете да направите лесни вежби за истегнување и размрдување на телото кои ќе го намалат стравот.
4) Соочете се и прифатете го стравот – универзално правило е дека колку повеќе се борите со нешто толку поголемо тоа станува. Прифатете го стравот и не бидете строги спрема себе туку упатувајте си нежни зборови дека сето ова ќе помине како што поминало многу пати до сега и дека вие сте тука главниот е не вашиот страв.

Кои се предностите а кои недостатоците на кафето?

Легендата вели дека кафето го откриле неколку кози во Етиопија. Имено, некој фармер по име Калди забележал како неговите кози полни со ентузијазам и енергија како никогаш до тогаш трчаат и се препелкаат околу едни грмушки. Кога се доближил поблиску видел дека неговите кози јадат бобинки и листови од таа грмушка. Љубопитен решил и тој да проба а набргу потоа неговото срце почнало забрзано да чука а неговата концентрација и присуство невидено се зголемиле. И токму така кафето било откриено. Секако ова е само легенда и најверојатно кафето е откриено и конзумирано од луѓето многу години претходно на попримитивни начини од денешниот. Со текот на годините кафето патувало низ светот од контитент на континент и станувало попопуларно. Луѓето ја обожавале енергијата што кафето им ја давало и сакале да се собираат, да пијат кафе и да дискутираат за политиката и за животот. Првиот кафе бар во Лондон бил отворен во 1652 година а до 1700 веќе имало над 2000 кафе барови ширум Лондон. Денес 400 билиони чаши кафе се конзумираат годишно. Кафето зазема голем дел од животот на луѓето и е дел од нивната дневна рутина. Кафето е неизбежен дел од бизнис состаноците, од забави и прослави, од собиранки со пријателите, од мирно попладне со книга во рака. Секако кафето како топол напиток со својата содржина има предности за човековото здравје и живот но и недостатоци.

(1) Што се однесува до предностите секој што некогаш испил чаша кафе ќе се согласи дека кафето го подобрува располжението а со тоа и самиот наш ден. Го зголемува чувството на еуфорија и позитивните емоции. Потоа, ја зголемува и присутноста и ја подобрува меморијата.
(2) Научно е докажано дека кафето го забрзува метаболизмот за 11% и самото тоа ни кажува дека кафето може да ни помогне да ослабнеме.
(3) Кафето помага при вежбање. Ако вежбате редовно тогаш една шоља кафе пред вежбање може да ги направи вашите сесии поефикасни и подобри. Исто така кафето е доста погодно за атлетичарите – после чаша кафе човек многу полесно може да крене потешка тежина или да истрча подолга километража исто така може и да послужи како добра релаксација после напорен тренинг. Докажано е дека кафето ти овозможува да извршиш потешки задачи на посилен и побрз начин, со подобар квалитет.

(4) Кафето ги подобрува функциите на мозокот како што се расположението, меморијата, енергијата и главните когнитивни функции.
(5) Кафето е лек за депресијата –  повеќе од 17,5 милиони луѓе во Америка страдаат од некаков вид на депресија и бројката секој ден се зголемува. Докажано е дека кафето го намалува ризикот од појава на депресија и тоа 20% кај жените а една статистика тврди дека оние што пијат по 4 шољи на ден за 54% помала е веројатноста дека би извршиле самоубиство.
(6) Кафето го намалува ризикот од дијабетес тип 2, освен ова кафето го намалува ризикот и за многу други болести како што се рак на дојката, рак на простатата, срцеви болести и Паркинсонова болест.

(1) Од друга страна пак недостатоците на кафето се тоа што кафето знае да предизвика инсомниа. Конзумирање многу кафе , особено конзумирање кафе во погрешно време води до будни напорни ноќи кои лошо се одразуваат врз квалитетот на вашиот сон. Затоа идеално време за конзумирање на кафе е еден час одкако ќе се разбудите но и триесет минути пред вежбање.
(2) Kафето може да има лош ефект врз бременоста, бремените жени и раѓањето. Премногу кафе во текот на бременоста може да се одрази лошо врз фетусот а ефектите од кофеинот можат да се пренесат во уробата. Кофеинот исто така може да се пренесе низ млекото што мајките доилки им го даваат на своите доечиња и да предизвикаат обратен ефект од посакуваниот т.е. бебето да стане неуморно и да не успеат да го заспијат.
(3)Премногу кафе може да го зголеми нивото на холестерол, а пак премногу холестерол може да предизвика ствднување на артериите и тоа може да го спречи протокот на крв во срцето и да го лиши од кислород.

Крема за сончање – совети како правилно да ја заштитите кожата од сонце

Кремата за сончање е превентивен производ кој служи за да ги блокира УВ зраците и да ја заштити кожата од штетните ефекти на сонцето. Летото е сезона кога се купуваат најмногу креми за сончање и сезона кога луѓето највеќе се трудат да се заштитат од сонцето. Но она кое можеби малкумина го знаат е дека всушност зашитата на кожата со фактор не е само неопходна за летото туку и за сите годишни времиња. Без разлика на времето надвор правилно е на лицето секогаш да имаме заштитен фактор бидејќи изложеноста на сонце може да доведе до изгореници, опуштање на кожата, брчки, предвреме да направи да изгледаме постари, може да ги оштети нашите очи и вид и најлошо, може да предизвика рак на кожата. Правилната заштита на кожата од сонцето ќе ни овозможи долгогодишен здрав и свеж изглед и обратно, невнимателноста при изложеност на сонце ќе ја направи нашата кожа груба и болна. Во продолжение прочитајте на што треба да внимавате при употребата на крема со фактор.

Пред да купите крема за сончање прочитајте ја содржината
Многу е важно кремата да содржи две главни состојки –  цинк оксид и титаниум диоксид или барем една од овие две. Овие состојки ги превенираат и блокираат УВ зраците да направат штета на вашата кожа.

Нанесувајте крема за сончање на секои два часа или почесто
Доколку сте на плажа, пливате и целиот ден сте изложени на сонце наеопходно е да нанесувате крема за сонце на секои два часа или почесто. При секое влегување и излегување од вода повторете ја постапката. Бирајте крема која ќе е водоотпорна и со висок заштитен фактор. Колку е поголем факторот толку подобро сте заштитени. Кремата нанесете ја уште пред да излезете од дома и опфатете го секој дел од телото вклучувајќи го лицето, тилот, ушите и стапалата кои често знаеме да ги занемариме. Според една статистика усните се делот од телото кои најчесто забораваме да ги заштитиме со фактор.

Кремата за сончање треба да се нанесува секој ден, без разлика на времето и температурата и дали се наоѓате внатре или надвор

Дури и да сте надвор само дваесет минути сепак ви треба заштитен фактор на кожата. Истото важи дури и кога сте во затворени простории бидејќи УВ зраците го пробиваат стаклото. Кремата за сончање не е a must само за во лето и треба да стане дел од секојдневната рутина за нега на кожа во текот на целата година.

Ставете соодветна количина
За еден возрасен човек идеалната количина е две големи лажици.

Идеалниот фактор е оној со број 30
Според истражувањата идеалниот заштитен фактор е 30 и е доволен да ги минимизира штетите од сонцето.

Нанесете крема на целото тело 30 минути пред да изезете од дома
На овој начин ќе му дадете време на факторот да се впие убаво.

Не заборавајте да ги заштитите и очите
Очилата за сонце се исто толку важни како и кремата за сончање. Бирајте УВ очила за сонце кои ќе ви овозможат добра заштита на сферата околу очите и на тој начин ќе го намалат ризикот од оштетување на видот. Исто така кога носите очила можете да носите и капа или шешир за додатна заштита на пределот на главата и очите .

 

 

 

10 совети за подобар и поздрав живот

 

A healthy outside starts from the inside -Robert Urich

 

Здравјето, како и благосостојбата, се од оние работи кои ако ги чуваме и се грижиме за нив ќе ни служат и ќе ни потрајат подолго. Со предизвиците на новиот век многу е лесно да се препуштиме на нездрав и неконтролиран тек на нашиот живот и нашето здравје. Недоволен осумчасовен сон, брза храна, занемарување на главоболки и забоболки, пиење премногу кафе, премногу алкохол, невнесување доволно витамини, доволно вода сето тоа кое можеби сега ни се чини и не толку сериозно еден ден може да дојде по својата камата. Здравјето е највредното нешто што го имаме и понекогаш забораваме да му обрнеме внимание. Но нека не биде така повеќе и уште од денес да направиме нешто што ќе го промени правецот на нашата благосостојба, нашето здравје и нашиот живот. Во продолжение прочитајте неколку совети како подобро да ја зачувате својата благосотојба.

  1. Вежбајте редовно и бидете физички активни
    На многу може да им се чини тешко да го стават вежбањето во својот распоред и во своите навики но 20 минути вежбање на ден може да ви го смени животот. Независно од тоа дали ќе вежбате дома, дали ќе пешачите, дали ќе си го шетате кучето или дали ќе се зачлените во теретана или јога клуб физичката активност добро ќе му дојде на вашето тело и ќе си бидете благодарни за тоа десет години од денес.
  2. Посетувајте доктор редовно.
    Редовната посета на доктор може да превенира многу болести. Наједноставните прегледи на крниот притисок, на холестеролот, прегледите на гинеколог и заболекар ќе ви го продолжат животот повеќе од што мислите. Жените треба барем еднаш годишно да ги прегледуваат своите гради за откривање на рак на дојката, особено оние во постари години.
  3. Водете сметка за својата тежина.
    Прекумерната тежина може да биде пречка но и причина за многу болести. Мало занемарување на тежината од неколку месеци може да доведе до вишок киглорами кои тешко ќе ги симнете. Редовното вежбање и активност е секако најдоброто решение наместо строги диети и изгладнувања.
  4. Пијте редовно вода и бидете хидрирани
    Дури и кога сме свесни дека пиењето вода е добро за нас сепак ќе се најдеме во ситуација каде што поминале три четири часа а ние не сме се напиле вода воопшто. Хидратацијата е битна како за надворешниот изглед така и за внатрешниот. Секогаш носете шише вода со вас насекаде а можете да си инсталирате апликација која ќе ве потсетува на секои петнаесет минути дека треба да испиете водa.
  1. Внесувајте повеќе витамини одколку брза храна
    Ти си тоа што го јадеш. Храната е енергија и е голем дел од нас и нашето здравје. Нездравата храна не уморува и не прави поспани а пак зеленчукот, овошјето, здравите оброци не полнат со енергија и на тој начин можеме полесно да ги извршиме дневните обврски. Појадокот не треба да се прескокнува бидејќи тој ни е главен двигател во првата половина од денот. А црвеното месо треба почесто да го заменуваме со риба и да јадеме храна која е богата со јаглерохидрати.
  2. Не го занемарувајте правилото на 8 часовен сон
    Поминуваме една третина од животот во спиење и тоа е природен и многу важен дел од нашиот живот и секојдневие. Правилниот сон е предуслов за продуктивен ден и наполнети резервоари со енергија. Потребни ни се од 7 до 8 часа сон за правилно и здраво функционирање. Недостигот на сон организмот го памети и потоа бара да го надополниме или го одразува низ нас.
  3. Посетувајте го вашиот заболекар најмалку два пати годишно
    Четкајте ги забите најмалку два пати на ден, чистете ги со конец, чистете го забниот камен и посетувајте го својот заболекар барем два пати годишно. Не водење грижа за забите може да води до многу други здравствени проблеми и дополнителни болки. Имаме едни заби до крајот на животот и важно е правилно да водиме грижа за нив.
  4. Избегнувајте го алкохолот
    Конзумирајте алкохол во мали и пристојни количини. Премногу алкохол го оштетува црниот дроб и може да доведе до рак на црнот дроб. Алкохолот е меѓу најголемите причини за сообаќајни несреќи или во случаите на семејно насилство. Тој се одразува негативно врз целиот организам, здавје и изглед на човекот.
  5. Престанете да пушите
    Најмалку 400.000 Американци годишно умираат од рак кој е предизвикан од пушење премногу цигари. Пушењето цигари може да предизвика рак на бели дробови и различни срцеви заболувања. Откажувањето од цигари е тежок и болен процес за многумина но се почнува пополека со секој ден помалку испушени цигари од претходниот а еден ден ќе си бидете благодарни што сте го сториле тоа.
  6. Минимализирајте го времето што го поминувате пред компјутерските екрани и на телефон
    Екраните освен што се лоши за нашиот вид се одразуваат негативно врз целото наше здравје. Живееме во време на “сајбер зомбиња” кои првото нешто наутро и последното нешто навечер во кое ќе погледнат ќе биде нивниот телефон, луѓе кои се заробени во светот во екраните кој е совршен и лажен. На тој начин го пропуштаме мигот, денот, го пропуштаме животот. Калкулирајте го времето кое ќе го поминете на телефон или пред компјутер, оставајте го телефонот во другата соба, поминувајте повеќе време со луѓе и во природа и уживајте во секој момент како да ви е последен бидејќи еден ден, без да знаете, навистина и ќе биде последен.