Beauty

Како да го најдете вашиот парфем?

Парфемот на една жена кажува повеќе за неа отколку нејзиниот ракопис Кристијан Диор

Пред некое време една пријателка ми рече дека отсекогаш сакала да го најде својот парфем, мирис што ќе ја симболизира неа и ќе “мириса како неа”. Тоа ме замисли и ме натера да ја истражам таа област. Парфемот е навистина значајна индивидуална работа која може да создаде слика кај некој за нас дури и кога тој некој не ни го знае ни името. Пафемот на некој начин е невидлив накит што го носиме нас и дел е од нашиот идентитет. Потрагата по вашиот парфем може да биде лесна а може и да трае со години. Не мора да значи дека тој еден парфем мора да го користите цел живот. Парфемите може да варираат во зависност од временските сезони а понекогаш и вашиот вкус може да се смени. Сепак, верувам дека во одредеден момент секој треба да го најде мирисот што совршено ќе му прилега и ќе прави да се чувствува убаво и самоуверено.

Ако сте некој кој се уште не го открил својот идеален парфем тогаш вистинската работа за вас е да почнете да пробувате нови мириси за да евентуално налетате на вашиот. Понекогаш вашиот мирис ќе го најдете пробувајќи тестери во молови, понекогаш можеби ќе го најдете купувајќи нешто на слепо а понекогаш некој ќе ви подари парфем за роденден и ќе сфатите “да па ова бил мојот мирис.” Пробувајте нови мириси постојано, од различни ноти (цветна нота, свежа нота, ориентална нота) и не купувајте го вашиот парфем врз основа на шишенцето во кое е спакуван. Ова е грешка која ја правев со години. Се заљубував во шишенцето и веднаш го купував пафемот за подоцна да откријам дека парфемот е премногу тежок за мене или не му прилега на мојот карактер и лик. Пробувајте ги и оние парфеми во обични шишенца. Магијата најчесто се крие во таквите.
Друга важна работа која треба да ја знаете е дека еден мирис се состои од три ноти – висока, средна и основна нота. Високата нота е онаа која веднаш ќе допре до вас и која трае дваесетина минути. Средната нота трае четири часа и тоа е онаа нота на која парфемот вистински мириса. Така да ако сте во некој трговски центар и пробувате да си најдете парфем напрскајте се на рачниот зглоб а потоа прошетајте наоколу и видете како ќе мириса истиот после некое време. Исто така не купувајте парфем кога сте лошо расположени. Еден парфем може да мириса сосема различно во ден кога сте изнервирани и во ден кога сте расположени. Така само можете да се разминете со својот парфем.
И најверојатно најважната работа од сите – верувајте на својата интуиција. Да одбереш парфем е исто како да одбереш жена. Во првите петанесетина минути знаеш дали можеш да уживаш во нејзиното друштво или не. Понекогаш знаеш дури и во првата минута. Вие сте оние кои ќе го носат тој парфем на себе, оние кои најдобро се познавате себе си и своите вкусови па при изборот верувајте си на внатрешнот глас. Ако се премислувате за некој парфем тоа најверојатно не е оној вашиот.
Парфемот има наверојатни моќи. Моќ да не потсети на спомени, моќ да создаде нови спомени, моќ да направи да се чувствуваме самоуверено, пожелно, убаво. Осознајте ја таа моќ а потоа доминирајте со неа. Мирисајте убаво, чувствувајте се убаво.