Живееме во свет на навики – навика да си ги миеме забите кога ќе станеме од спиење, навика да си го наместиме креветот, навика да запалиме цигара после ручек или заедно со кафето, навика кога ќе отвориме очи првото нешто што ќе го направиме е да го фатиме телефонот и да видиме што има ново на инстаграм. Некои од нив ги извршуваме свесно некои пак несвесно но без разлика на тоа тие постојат и управуваат со нашиот живот. Што е навика всушност? Навика е однесување кое сме го повторувале премногу долго и ни станало автоматско. Најчесто луѓето навиката ја поврзуваат со нешто лошо затоа што претежно тие и имаат лоши навики – навика да си ги грицкаат ноктите кога се нервозни, навика да остануваат до доцна и да стануваат доцна, навика да јадат чоколада наместо јаболко, навика да листаат на инстаграм иако знаат дека имаат обврски кои чекаат на нив. Но навиките можат да бидат и добри и да се искористат во своја полза. Искоренување лоша навика или претворањето на една лоша навика во добра и не е баш толку едноставен и лесен процес бидејќи сепак се бориме со програми кои сме ги повторувале многу време одново и одново. Но сепак тој процес не е невозможен и на долг план би ни донел голем успех и задоволство. Во продолжение ќе опишам неколку техники и тактики со кои можете да се обидете да создадете навики кои ќе ви служат.
Правете одвечер список со обврски кои сте во план да ги завршите следниот ден. Така кога ќе станете следното утро веќе ќе знаете од каде да почнете. Нема да се двоумите што да правите тој ден бидејќи веќе ќе имате испланирано. Во списокот до обврската запишете точно време и место кога планирате да ја извршите работата. Луѓето сметаат дека им недостасува мотивација но всушност им недостасува јасност. На пример запишете дека ќе учите во 10 часот во вашата соба или дека ќе вежбате во 6 часот попладне во теретана. Активност, време и место. Толку е едноставно. Ако сакате да почнете некоја сосем нова навика бирајте ги првите денови од неделата, месецот или годината. Статистиката покажува дека во тие денови луѓето се помотивирани да превземат акција. Друга техника во создавањето и извршување на навики е да ја поврзете работата што треба да ја направите со работата што сакате да ја направите. Многу полесно ќе се мотивирате да направите нешто ако знаете дека после тоа ќе правите нешто што сакате. На пример после вежбање дваесет минути ќе си го дозволите омиленото јадење. Или после учење на триесет страни ќе изгледате една епизода од серијата. Создадете поволно опкружување. Ако сакате да создадете навика за читање тогаш чувајте неколку книги на масичката до креветот. Ако сакате да јадете здраво чувајте овошје на масата во кујната. Ако сакате да пиете повеќе вода чувајте шишиња вода на дофат. Со ова многу е поверојатно дека ќе го направите тоа што треба. Ако пред спиење телефонот ви стои поблиску на дофат од книга поверојатно е дека место да читате ќе листате на инстаграм. Сакале вие да признаете или не околината, вашето семејство и вашите пријатели имаат голем удел и влијание во вашиот живот особено во сферата како ќе се движи вашиот живот понатаму и секако во сферата на создавањето добри навики. Ако сите ваши пријатели читаат книги и постојано слушате за книги многу е поверојатно дека и вие на крајот ќе почнете да читате. Ако сите ваши пријатели пушат марихуана најверојатно дека и кај вас ќе се јави желба да пробате. Нашите пријатели и нашето семејство се наше огледало. Доколку сакате да постигнете одредена цел и да почнете да применувате одредена навика опкружете се со луѓе кои веќе ја применуваат таа навика или успеале во таа област.
Живееме во свет каде што се е навика. Дури и среќата е навика. Она што го правиме денес, утре најверојатно нема да има големо значење и резултати, но за пет години од денес неминовно ќе ни донесе успех или неуспех. Кое од овие две ќе биде тоа зависи исклучиво од нас. Навиките ја пишуваат нашата иднина и затоа од особено значење е да создадеме правилни навики кои ќе ни служат. Поченете уште денес. Една кинеска поговорка вели – Најдоброто време за садење дрво беше пред десет години. Следното најдобро време е сега.