Selfcare

Научете да кажете “НЕ”

Дали чувствувате дека ако им кажете на луѓето НЕ тие ќе се налутат и разочараат? Дали ви е непријатно да кажете НЕ? Дали се чувствувате виновно кога ќе кажете НЕ? Дали кажувате ДА на работи на кои сакате да кажете НЕ а потоа се каете и сте под стрес поради тоа? Ако вашиот одговор е да тогаш уште на почетокот да ви кажам дека не сте сами. За многу од нас кажувањето НЕ е тешко. Како луѓе сакаме да бидме прифатени и сакани и веруваме дека ако кажеме НЕ со тоа ќе ги разочараме луѓето. Тоа чувство го имаме поради тоа што зборот НЕ го поврзуваме со нешто негативно. Раснејќи, зборот НЕ бил она од што најмногу сме се плашеле кога ќе сме ја прашале мајка ни дали може да останеме да играме уште или дали може да останеме до доцна со пријателите. Впечатокот дека зборот НЕ е негативен збор ни е всаден уште одамна. А вистината е дека, од НЕ може да излезе нешто позитивно.


Нема да најдете ниту една успешна личност, ниту една исполнета личност која не ја совладала уметноста на кажувањето НЕ. Сите тие знаат една работа; дека имаат право да кажат НЕ но исто така и дека мора да кажат НЕ за да успеат во своите големи цели и да се чувствуваат подобро. Сите тие знаат дека кажување НЕ на другите значи кажување ДА на себе си. Тие знаат дека кажувањето ДА кога сакате да кажете НЕ е најголемиот одзимач на енергија. Тие знаат дека немаме бесконечно енергија ни бесконечно време и за да ги исполниме работите кои сакаме да ги направиме мора да научиме да кажувам НЕ. Луѓето кога се млади најчесто го занемаруваат ова. Кажуваат ДА на сешто, на сите понуди со кои ќе дојдат со допир, ја расфрлаат својата енергија несвесно. Дури подоцна си ја осознаваат грешката. Многу луѓе и во своите четириести тврдат дека уште не научиле да кажуваат НЕ. Секогаш треба да водиме искрен разговор со себе. Секогаш треба да се прашуваме што сакаме од животот а потоа дали оваа одлука што ќе ја донесеме ќе не однесе на тоа место. Бидејќи нашите избори го креираат нашиот живот. А нашите НЕ и ДА исто така ни ги го креираат животот.

Па, како се кажува НЕ?

Едноставно само изговорете го тоа. Не ја продолжувајте реченицата. Не се оправдувајте и не давајте изговори бидејќи тоа говори дека сте несигурна личност. Не се извинувајте за вашето НЕ, не набројувајте цела листа на проблеми што ви се случуваат, само кажете НЕ.
Понекогаш нема ни да имате соодветен изговор. Понекогаш ќе го одбиете друштвото за излегување иако немате ништо посебно да правите во тој момент, иако само планирате да седите дома сами со себе бидејќи имате потреба да бидете сами и во тишина. И тоа е сосема во ред бидејќи тоа е ваше право и нема потреба да се објаснувате.
Секогаш бидете јасни во вашето НЕ. Не велете можеби. Не се согласувајте ако знаете дека на крајот ќе откажете со некој изговор. Испочитувајте ги луѓето со тоа што ќе им ја кажете вистината.
Одбивањето, кажувањето НЕ можете да го направите учтиво и културно ако го кажувате со смирен тон додавајќи благодарам без да навредите никого. Вистинските луѓе ќе ве разберат и нема да ви се лутат.
Не сакате да стигнете до крајот на вашиот живот и да сфатите дека времето и енергијата сте ги потрошиле на начин и на места на кој не сте сакале. Соберете храбост и кажете НЕ на она што не ве исполнува и ДА на себе си и вашата благосостојба.