Последиот здив на летото се чувствува во воздухот додека есента почнува да ги распакува куферите и да се сместува пополека обележувајќи си ја територијата со намалени температури, прашлив ветер и чад од ќумбетите на кои се приготвува ајвар. Септември е на сцена и ја игра својата најдобра претстава. Но освен по учениците во клупите, жолтите листови и зимницата септември е познат по тоа што е Национален месец за подигнување на свеста за грижата за себе. Во брзи и бучни времиња како денешниве многу е лесно да се изгубиме во секојдневието и да заборавиме да водиме грижа на себе. Кога последен пат сте направиле нешто за прв пат? Кога последен пат сте ја наполниле кадата наместо брз туш? Кога последен пат сте пробале да цртате, да зготвите некој нов рецепт, да медитирате, да прочитате некоја книга? За тоа ви зборувам. Грижата за себе, за телото и умот, е нешто кое луѓето го ставаат на последен план. Кога всушност, треба да се наоѓа најгоре на листата. Икористете го септември како Национален месец за подигнување на свеста за грижата за себе и дајте си предизвик да направите повеќе работи за себе. Еве неколку наши предлози на кој начин да се релаксирате, да се посветите на себе, на своето физичко и ментално здравје и да се чувствувате подобро и поисполнето.
Започнете го денот со нешто убаво. Пригответе си кафе или чај. Отидете на 15минутна прошетка или џогирање. Не за џабе рекле денот по утрото се познава. Она расположение кое го имаме наутро многу често знае да не понесе во денот и целиот ден да ни зависи од него. Доколку го почнеме денот ведри и со нешто убаво целиот ден ќе има една повесела и поведра нота.
Почастете се себе си со нешто. Можеби нова чанта, нови чевли или убава вечера во ресторант. Купувањето нешто ново секогаш има убав ефект врз расположението.
Направете детоксикација од екраните. Пред спиење наместо да листате низ Инстаграм дадете си предивзик еден час пред спиење да не користите никакви екрани. Телефонот можете да го замените со книга.
Засадете цвеќе. Купете или засадете си цвеќе кое ќе можете да го чувате во вашата соба. Цвеќето има многу бенефиции како зголемување на расположението, намалување на стресот или чистење на воздухот.
Кажете НЕ ако сакате да кажете НЕ. Нашето време и енергија се ограничени и неповторливи и во ред е со нив да менаџираме како ние мислиме дека треба. Кажувајќи да на работи, дружења, вечери на кои сакате да кажете не само ќе ве измори додатно, ќе ви одземе од енергијата која сакате да ја потрошите на нешто друго.
Згответе си го омиленото јадење. Облечете се во комотна облека и пуштете си музика додека готвите. Јадете пополека, вкусете ја храната и уживајте во секој залак.
Дишете длабоко. 90% од луѓето не дишат правилно и дишат стресно и забрзано. Пробајте и ќе забележите колку опушта и го “симнува товарот од раменици”
Поминете време со своето милениче (ако го имате). Милениците ја имаат таа инстантна моќ да не расположат веднаш.
Отидете на ноќна прошетка. Наполнете ја кадата. Сварете си чај и легнете си една вечер порано од вообичаено.
Ако нешто ве измачува напишете го на хартија. Ќе се зачудите колку ќе ви олесни кога веќе ќе го ставите на хартија.