Womens health

Што е ендометриоза и се што требате да знаете за неа

Што е ендометриоза? Тоа е неизлечива болест кај која се случува ендометриумот, кој е пак внатрешниот слој на матката, да почне да се шири надвор од неа. Ендометриозата се шири на површината на другите важни органи како што се јајниците и просторот околу нив, јајцеводите, лигаментите кои ја држат матката, просторот зад матката и сл. Ендометриоза е здравствен проблем со кој се соочуваат дел од жените. Една статистика тврди дека секоја десета жена има ендометриоза. Таа ги напаѓа жените помеѓу 15 и 44 години, најчесто во нивниот репродуктивен период. Ендометриозата како посебна состојба била прогласена во 1920тите години. Според една статистика направена во 2015 година бројот на жени заболени од ендометриоза е проценет на околу 10,8 милиони жени. Бројот на смртни случаи е мал.

Симптомите пак, варираат од жена до жена, бидејќи ние сепак сите сме различни, но како најкарактеристични симптоми можеме да ги издвоиме болки со најразличен интензитет во пределот на карлицата, долниот дел од рбетот, долниот дел од стомакот. Потоа болка при сексуални односи, болна и обилна менструација, болно мокрење додека трае менструацијата неплодност и др. Доколку препознавате некои од овие симптоми најдобро ќе биде да појдете на преглед кај вашиот лекар. Ендометриозата не ја исклучува можноста за зачнување но може да го отежни процесот. Раното откривање на ендометриоза го зголемува успехот за постигување бременост.

Зошто некои жени заболуваат од ендометриоза а други не, т.е. што е она што ја предизвикува болеста? Тоа се уште не може медицински да се утврди но сепак постојат заеднички фактори кои ги покажува статистиката. Такви се на пример семејна историја односно генетски фактор, потоа факторот бременост односно жените кои не биле бремени до сега имаат поголеми шанси од заболување. Потоа како причини може да се јават прекумерно конзумирање на алкохол и кофеин.

 

Што се однесува до третманот ендометриозата се третира со операција и со лекови кои ги намалуваат болките. Лекарот може да ви препорача да земате лекови против болки без рецепт како што се нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), ибупрофен (Адвил, Мотрин ИБ, други) или напроксен натриум (Алеве) за да ви помогне во олеснување на болните менструални грчеви.
Секако здравите навики и здравиот начин на живот можат да ги олеснат симптомите и да го превенираат развојот на болеста. Вежбањето и физичката активност значително можат да ги намалат болките и симптомите. Со самото вежбање го одржувате масното ткиво на соодветно ниво. Исто така со намалување на кофеинот и алкохолот се намалува ризикот од ендометриоза. Освен тоа и здравата исхрана е исклучително важна и се препорачува конзумирање на ферментирани продукти.

Ако имате некои од горенаведените симптоми или ако едноставно чувствувате дека нешто не е во ред консултирајте се со лекар и спречете го развојот на болеста на време. Не сте сами бидејќи жени од најразлични земји и најразлична возраст се соочуваат со истиот проблем. Ќе биде се во ред.