Womens health

Стоп за насилство врз жените

Во светски рамки една од три жени искусиле насилство во животот. Тоа се 800 милиони жени во светот. Во една минута се злоставуваат 127 жени а додека ја читате статијава над триста мажи во светот ќе кренат рака на некоја жена. Тоа се нечии мајки, сестри, ќерки, пријателки. Тоа се луѓе како мене и тебе.

Приказната за еден маж кој доаѓа дома пијан и ја тепа својата жена започнува многу порано од колку што мислите. Многу порано пред тие двајцата да се запознаат. Започнува кога мажот е се уште момче на дванаесет години и ја гледа мајка си како ги мие садовите, прави ручек, ја чисти куќата, ги простира алиштата додека татко му седи на софата и гледа фудбал на телевизорот. Започнува кога тоа исто момче ќе дојде дома расплакано бидејќи соседот му ја избушил топката и татко му ќе му каже “биди маж, не плачи, само жените плачат.” Започнува денот кога едно момче ќе поверува, или да бидеме попрецизни ќе го научат, дека мажот е надреден и дека жените се помалку вредни. Мажот не се буди еден ден и решава да ја тепа жена си или да се однесува насилно спрема жените туку е научен уште од мали нозе дека има право на тоа и дека мажите се над жените. Приказната за насилството врз жените започнува со погрешна едукација на децата. Учејќи ги нашите деца индиректно влијаеме на создавањето на светот без разлика дали тоа го првиме свесно или несвесно. Затоа, едуцирајте ги своите деца правилно. Научете ги дека мажот и жената се еднакви битија кои уживаат исти права.


Сексуално вознемирување, семејно насилство, демнење, силување, присилна проституција се најчестите видови на насилство врз жената. Само 40% од злоставуваните жени собираат храброст да побараат помош. Останатите 60% проценти не го прават тоа поради срам, некои бидејќи не сакаат да поминуваат повторно низ траумата, некои од страв, некои поради тоа што не веруваат дека тоа ќе смени нешто а некои бидејќи со трпење на насилство цел живот на крајот поверувале дека тоа така мора да биде. Злоставуваната жена која го чита ова сакам да знае дека не е сама. Милиони жени ширум светот се соочуваат со истово и не е срам да се побара помош. Имаш право на тоа, имаш право на слободен и мирен живот. Денес постојат многу организации за заштита на жената од насилство кои пружаат помош на жените на кои им треба. Направи го првиот чекор и крени ја слушалката и јави се на националната СОС линија на 02 15 700. Не си сама.

Ова е порака и до оние луѓе кои постојано слушаат викотници и удари од станот над нив, кои забележуваат дека колешката на работа постојано доаѓа со модрици на лицето и телото, кои на некој начин се сомневаат дека зад нечии затворени врати се случува насилство врз некоја жена. Не ја вртете главата на страна, не помислувајте дека не е ваша работа да се мешате, не останувајте слепи и глуви пред ваквите работи. Кога веќе таа жена не може пријавете го насилството вие. Имате должност да го направите тоа. Не бидете соучесници.

Само ако ги едуцираме нашите деца правилно, ако не ги вртиме главите на другата страна пред насилство и ако ја подигнеме свеста дека насилството врз жената постои и има начини да го спречиме истото само така ќе создадеме свет во кој жената која носи краток фустан не значи дека самата си го бара, свет во кој на жената не и е страв да си оди сама накај дома и свет во кој жените живеат мирен живот без страв од насилство.