Selfcare

Тајните на убавите жени

На определени години жената мора да биде убава за да биде сакана, а  потоа доаѓа период кога мора да биде сакана за да биде убава.
-Франсоаз Саган

За да направите пита со јаболка постои рецепт со состојки и јасно утврдени чекори кои треба да се следат. А ако некогаш сте помислиле дека убавината е нешто со кое човек имал доволно голема среќа да се роди тогаш сте се излажале. За убавината, како и за питата од јаболки, постои рецепт и ако нешто е сигурно тоа е дека убава жена не се раѓа, убава жена се станува. Сите убави жени го знаат ова, затоа и се убави. Сите убави жени работат на себе, работат на своето надворешно јас исто онолку колку што работат на своето внатрешно јас, тие работат на тоа да станат убави.
Па кои се нивните тајни? Кој е тој рецепт за убавина на една femme fatale?

Убавината најпрвин извира одвнатре. Сте виделе ли некогаш некој привлечен маж со некоја жена и сте си помислиле што бара тој со неа кога и не е толку убава. Мажот ја бира жената според тоа како таа прави тој да се чувствува и тоа нема никаква врска со убавината. Кога ќе видите таков пар тогаш знајте дека таа жена е посебна, дека е убава од внатре, дека има став и карактер и дека не се плаши да биде своја. Самодовербата секогаш е помоќна од карминот. Ова можеби е и најважниот чекор – разубавете се од внатре и убавината од надвор ќе настане како последица од тоа.

Убавите жени се грижат за своето тело. Извади ја шминката пред да си легнеш, напиј се вода, навлажни ја кожата. Да толку е едноставно. Грижата за сопственото тело е едноставна. Не мора тоа да се скапи третмани, масажи и креми, понекогаш и еден нов лак за нокти или полнење на кадата знае да му даде свежина на вашиот дух. Спортувај. Не мора да е тоа секој ден во неделата. И два пати неделно ќе направат огромна разлика. Ќе се заљубите во своето тело и ќе почнете да се чувствувате удобно во него. И секако добар сон. Одвреме-навреме добро е да се легне порано, во темна соба без бучава и да го наградите вашето тело за тоа што ве служи добро толку време.

Убавите жени се грижат за својот ум. Тие читаат книги, гледаат филмови, посетуваат изложби и часови по јога, медитираат, се едуцираат и се трудат да најдат задоволство во се што прават во животот.

Убавите жени инспирираат и помагаат на други жени. Една жена која зрачи со самата појава и не се плаши да биде своја – праќа исто така нема порака до друга жена – биди своја. Потоа таа жена инспирирана оди дома го облекува фустанот што го чува само за посебни прилики или се запишува на часови по јога и почнува да доминира со својот живот. Сега таа жена мотивира некоја друга да го направи истото и така во круг. Се почнува од една личност, во еден град која собрала храброст да биде поиаква.

Убавите жени не се плашат да бидат свои. Во морето лица што изгледаат сосема исто, со исти мазни чела и со исти напумпани усни, со иста фризура, со иста облека и чевли – жената што ќе се осмели да биде своја и креатор на сопственото битие ќе направи нешто револуционерно и ќе има моќ да го измени светот.

Ова е вашиот рецепт за убавина а состојките се бесплатни. На крајот на денот ако помислите на најубавата жена која ја познавате и и се восхитувате ќе сфатите дека не ви е убава поради случајно добро споени црти на лицето туку поради тоа нешто што не можете да го објасните а извира внатре од неа, поради нејзиниот карактер и личноста во која таа се изградила.
И знаете што кажува ова? Дека секоја една жена на светот може да биде убава.