Чувството на среќа повеќе се состои во малите погодности или задоволства што се случуваат секој ден, отколку во големите мигови на добра среќа што се случуваат многу ретко – Бенџамин Френклин
Меѓу најразличните институти во светот – институт за јавно здравје, институт за хемија, институт за истражување на пазарот на трудот постои и институт за истражување на среќата. Се наоѓа во Копенхаген и негова задача да истражи зошто некои луѓе се посреќни од други и што е она што предизвикува среќа кај човекот. Според неговите истражувања, во Данска живеат најсреќните луѓе на светот. Која е мистеријата зад нивната среќа ви ја откривам во следните неколку карактеристики кои според истражувањата на институтот допринесуваат за истата.
Вистина е дека Данците имаат висок животен стандард. Данска е социјална држава која има бесплатна здравствена заштита, бесплатно високо образование и надоместоци за оние кои се невработени и со самото тоа се намалува чувството на несигурност и напнатост. Но иако основниот животен стандард е битен, по неговото задоволување, човечката среќа повеќе зависи од квалитетот на неговите релации одошто од приходите. Данците веруваат дека не мораш да бидеш супер богат за да бидеш среќен. Тие велат дека дали ќе сме среќни или не во голема мера зависи од нашите меѓусебни односи. Во еден експеримент кој го направил генералниот директор на иститутот за истражување на среќата ги натерал луѓето да замижат и да се потсетат на момент во кој се чувствувале најсреќни. Подоцна им рекол ако во своите сеќавања биле со други луѓе да кренат рака. Тогаш деведесет проценти од присутните ги кренале рацете. Тајната на Данците е што тие наоѓаат баланс помеѓу работата и животот. Данците работат најдоцна до пет часот попладне потоа тие заминуваат дома готват вечера со своето семејство и си го раскажуваат денот. Ако таму работиш за викенд ќе те прогласат за лудак, наместо тоа, тие за викендите се собираат со своите пријатели, одат на вечера едни кај други, играат друштвени игри. Многу од Данците имаат мали блиски кругови на пријатели со кои си имаат свои традиции се собираат еднаш во месецот и играат покер, ја дочекуваат летната рамнодневница на плажа, одат некаде во природа и сл. Данците се смирен и спокоен народ бидејќи знаат да уживаат во малите задоволства во животот. На пример, тие ја поврзуваат среќата со свеќи. Во Данска се горат повеќе свеќи од било каде во Европа. Во просек секој Данец годишно гори по околу 6кг восок од свеќи. За нив свеќите се извор на задоволство односно атмосферата која тие ја прават. Исто како и камините. Во Данска има 750 илјади камини. Тоа е место каде се оди да се биде сам со себе, за да се одмори во удобност и топлина или во друштво на најблиските. Исто така Данците тврдат дека среќата ги наоѓа оние кои знаат да бидат присутни во сегашниот миг. Не оние кои се отсутни во своите екрани и кои забораваат да дишат со полни гради туку оние кои го зграпчуваат мигот и го живеат. Данците среќата ја поврзуваат и со топлите пијалоци. Тоа може да биде какао или чај или пак кафе. Кафето е омилениот топол пијалок на Данците. Што се однесува до облеката тие сакаат да се облекуваат лежерно но и формално во исто време. Целта е секогаш бидат комотни во облеката што ја носат. Над сето ова, среќата е и во благодарноста. Данците чувствуваат благодарност. За малите задоволста, за големите, за тоа дека се живи, за денешниот ден кој го сметаат за подарок.
Сите овие мали работи се дел од нивниот рецепт за среќа. Данците не чекаат еднаш годишно да одат на одмор седум дена и тогаш да се чувствуваат среќни и задоволни, напротив тие гледаат да го искористат она што го имаат во своето секојдневие и да бидат среќни секој ден. Тие уживаат во малите работи што ги нуди секој нов ден, во блиските односи со семејството и пријателите, во добар кафе разговор или додека си ја подготвуваат вечерата со тивка музика и чаша вино. Најпосле, ако ги прашате Данците ќе ви речат дека среќата, вистинската среќа, секогаш е исткајана од мали работи.
При составувањето на оваа статија се употребени материјали од книгата: “Мала книга за хиге – данскиот начин на добро живеење” од Мајк Викинг